Прослава на Св. Атанасиј во тетовско Седларце

Долги години во тетовско Седларце на традиционален начин се прославува големиот празник Свети Атанасиј. Во дворот на црквата утрово се собраа голем број верници и со сите обичаи го одбележаа празникот, кој се смета и за селска слава. Присутен беше и митрополитот тетовско-гостиварски господин Јосиф.

Обичаите започнуваат од раните утрински часови. Во Седларце на празникот доаѓаат и жители од околните места.

„Секоја година ние традицијата ја продолжуваме. Од раните утрински часови сме тука, секоја година со истиот адет и се помасовно се собираме на овој празник. Свети Атанасиј е селска страна, а колку што имаме од тука, толку посетители доаѓаат и од страна. Ја користам приликата да го честитам празникот на жителите од Седларце и на сите други верници“, истакна претседателот на Црковниот одбор Симоски Симче.

На заедничка трпеза седнуваат и старите и новите кумови.

„Ние сме старите кумови и сега се врши предавање од стари на новите кумови, првата софра е за нив. Инаку има по седум кума за секоја година, се до 2025 се запишани веќе. Јас колку што се сеќавам, повеќе од 60 години се одржува прославата“, рече Атанасоски Зоран, еден од старите кумови.

По верските обичаи и празничната трпеза, жителите продолжија со прославата со музичка програма.

error: Content is protected !!