Прославен Денот на Општина Гостивар, Пендаровски гостин на настанот

По повод Денот на општината, 23 декември, во Гостивар вчеравечер се одржа свечена манифестација, на која беа доделени плакети на успешни млади гостиварци и се прогласи почесен граѓанин. На настанот, како гостин присуствуваше и претседателот Стево Пендаровски.

Во своето обраќање, градоначалникот Арбен Таравари истакна дека вториот мандат ќе му биде последен, затоа што смета дека толку е доволно за јавните функционери да ја покажат и докажат својата работа.

Сакам искрено да им се заблагодарам на сите мои претходници! Му благодарам на секој од нив, дури и на оние што покажаа како не треба да се работи. Знаете дека неодамна Гостиварци ја дадоа довербата на нашиот тим и мене за втор мандат! Како проамериканец, како објективен поддржувач на американскиот устав, мислам и верувам дека 2 мандати се законски и дефинитивно фактички доволни за секој носител на функција. Така, овој втор мандат го сметам за мој последен мандат или мој Проштален мандат. Денес, на најважниот ден на оваа институција, сакам да апелирам до секој од нас дека ако ги гледаме идеолошките, верските или етничките разлики како вредности, тогаш градот и државата можат да станат хармоничен мозаик. Таков е Гостивар. Секако, овде живеат Албанци, Македонци, Турци, Бугари, Роми и други, несомнено има и муслимани и христијани или некоја друга вера, но сите се обединуваме во едно име, ние сме Гостиварци!“, рече Таравари.

Во знак на благодарност за придонесот во афирмација на Гостивар и поттик да продолжат со успеси, плакети им беа доделени на Кимет Јусуфи-научник физичар, Марија Милошевска-меѓународно наградувана средношколка, Ведуд Пурде-научник по биохемија и Анди Исмаили-танчер со интернационални успеси.

За почесен граѓанин на Гостивар беше прогласен Д-р Ферид Садику.

Сакам да се заблагодарам на општинското раководство за оваа укажана чест и привилегија. Без скромност ќе кажам дека овој чин, за мене значи гест на почит на вашата генерација кон мојата генерација. Гостивар ви го оставаме вам како аманет, како место на чесни и културни луѓе, кои го сакаат образованието и ќе продолжат да се надоградуваат. Не мора да се штедите за да се оддолжите на родната грутка, затоа што тоа вреди“, рече д-р Садику.

На одбележувањето беше прикажана и видео презентација за реализираните општински проекти во годината што изминува. Церемонијата со свој настап ја разубави пијанистиката од Гостивар, Ендра Адеми.