Протест во Гостивар: Русино е смрт! Сакаме цвеќе, не депонија!

Гостиварци уште еднаш протестираа претворањето на Русино во регионална депонија за Полог. Протестниот марш започна пред општинската зграда, преку централното градско подрачје, улицата „Дебарска“, булеварот „Браќа Ѓиноски“ и се заокружи пред судската зграда.

„Се собираме со цел конечно решавање на проблемот и затворање на дивото ѓубриште Русино. Имаме поддршка од градоначалникот, сите советници и политички претставници и сметаме дека ова можеби ќе биде последен протест. Дај боже да се собереме заедно да пиеме кафе некогаш горе на таа локација, кога ќе биде чиста и пошумена и оплеменета“, изјави Соња Божиновска од иницијативата Стоп Русино.

На протестот се појави и градоначалникот Таравари, кој нагласи дека генерално се согласува со ставовите на граѓаните дека Русино не е погодна локација за регионална депонија.

„Јас начелно се согласувам дека Русино не е адекватно место за регионална депонија и нека се дислоцира. Дека тоа не може да биде за ден, два или за една година, не може, но ете нека биде рокот за 3 до 4 години максимум.“, рече градоначалникот.

Протестниот марш симболично го предводеа дечиња со букети во рацете, со цел да се испрати порака: Гостиварци сакаат цвеќе, а не депонија!

Утре претставници на иницијативата Стоп Русино и гостиварскиот градоначалник за проблемот со депонирањето на отпадот ќе остварат средба со министерот за животна средина Насер Нуредини

error: Content is protected !!