Пуштено во употреба новото хируршко одделение во Гостивар

Пациентите кои во иднина ќе се оперираат и третираат на хирургија во Гостивар ќе имаат современи услови според европски стандарди. Денес во употреба беше пуштено реконструираното хируршко одделение во гостиварската општа болница „Др.Ферид Мурад“. Во одделот има специјални подови, нови врати и прозорци, посебна просторија за интензивна нега на оперираните пациенти, целосно реновирани болнички соби, опремени со клима уреди и телевизори.

Новата хирургија во Гостивар ја предаде во употреба министерот за здравство Венко Филипче.

„Минатата година имавме уште еден убав повод за посета на болницата во Гостивар, тоа беа целосно реновирани операциони сали со нова опрема, сега и хируршкото одделение. Се надевам дека ќе имаме само вакви убави настани тогаш кога ќе помине оваа криза со ковидот. Дозволете да ја најавам магнетната резонанса за Гостивар, која болницата  ќе ја добие наредната година. Иако планиравме за годинава, тоа беше одложено поради состојбата со ковид. Дозволете ми да ви честитам, да порачам сите заедно да издржиме, сега е најголемата криза и ќе трае некое време, јас верувам во вашите способности, организациски капацитети и вашата струка затоа што ова население од околината на Гостивар е население кое со години наназад добива квалитетна здравствена заштита“, изјави Филипче

Директорот на гостиварската болница Јакуп Јакупи нагласи дека одделението за хирургија било израгдено во 1978 година и ова е прва позначајна инвестиција што болницата ја прави од сопствен буџет.

Проектот за реновирање на хируршкото одделение чини околу 15 милиони денари.

error: Content is protected !!