Пуштен во употреба продолжениот булевар Благоја Тоска во Тетово

Денес беше пуштен во употреба продолжениот булевар Благоја Тоска во Тетово, односно делот од пред мостот кај болницата до текстилното училиште. Реализацијата на овој проект граѓаните ја чекаа со децении.

Со пресекување црвена лента градоначалникот на Тетово го пушти во употреба делот од булеварот Благоја Тоска, кој со децении чекаше пробивање, а притоа се заблагодари на општинската администрација за вложениот труд.

„Со целосниот ангажман на општинската администрација ние конечно успеавме да го реализираме овој пат. Затоа им благодарам на сите кои беа вклучени во делот на реализацијата на овој пат и се надеваме дека и понатаму ќе успееме да реализираме вакви проекти во интерес на сите граѓани“. – изјави Биљал Касами, градоначалник на општина Тетово

Пред 20-тина дена на социјалните мрежи првиот вицепремиер објави дека го посетил овој булевар, за кој напиша дека е проект на Владата. Според Касами тие се обидуваат да ја преземат нивната заслуга.

„За жал тие се така научени, само се обидуваат да ги преземат туѓите резултати. Тој е добредојден, како и сите други да дојде да ги користи овие патитшта и овој булевар и другите, кои ние ги градиме за нашите граѓани за сите тие кои сакаат да дојдат во Тетово и да не посетат и да уживаат во тоа што ние го создаваме како нова инвестиција“. – изјави Биљал Касами, градоначалник на општина Тетово

Првиот чекор за продолжување на булеварот започна пред 5 години кога претходната локална власт ги урна првите бараки кои се наоѓаа на овој потег, а во 2021 година асфалтираше мал дел од патот, додека сегашната ја заврши првата, од вкупно 3 предвидени фази на проектот, за која добиени средства од ТАВ програмата. Допрва треба да се реализираат уште две, продолжување до крстосницата со улицата „Киро Ристоски-Дрнц” и до булеварот „Илинденска”.

Со пробивањето на овој булевар треба да се растовари сообраќајот во градот, кој во последниве години е се погуст.

Данијела Билбилоска