Работна средба на тема „Банкарство со храна“ во Тетово

Во Македонија се фрла толкава количина на храна, доволна за да се нахрани барем третина од Тетово. Ова го тврдат од засега единствената банка за храна во земјава – организација која се залага за воведување на закон за донирање на вишокот храна. Тие имаат добиено проект финансиран од Европската Унија чија главна цел е да се воведат постапки со кои вишокот на храна ќе се доставува до оние на кои им е најпотребно. На овие теми се разговараше на денешната  работна средба која се одржи во Центарот за развој на Полошки плански регион.

„Колку законот може да помогне во справувањето со гладот во Македонија? Може многу. Ги знаеме европските искуства, соработуваме со организациите таму, па законот ако почне да се имплементира онака како што е предвидено, можам да кажам дека ќе имаме многу вишок храна, а ќе немаме кому да ја дадеме“, вели Душко Христов, од Банка за храна.

Додека не се донесе законот, во Македонија не постои терминот „вишок храна“.

„Во законот се предвидени неколку работи. Постои еден систем-оператор – алатка каде што вишоците храна ќе се најавуваат. Тој вишок можеме ние како организации, ако исполниме одредени услови, да бидеме оператори со вишок храна, да имаме складиште и вработен човек, ќе ја земаме и ќе ја доставуваме“, истакна Христов.

Проектот се реализира во 10 општини, а вклучени се 18 организации. Од Банката за храна додаваат дека со оглед на големиот број партнери и вклучени организации, тие имаат капацитет секојдневно да собираат вишок храна и истата да ја доставуваат до крајните корисници.

error: Content is protected !!