Работниците од тетовски Водовод и канализација на протест поради неисплатени плати
Работниците од тетовски Водовод и канализација денес протестираа поради неисплатени плати за неколку месеци. Тие воедно и штрајкуваат, односно нема да ги извршуваат работните задачи додека не им бидат регулирани побарувањата. Се работи за околу 80 вработени во оваа Единица, но проблемот е долгогодишен и е актуелен за сите вработени во Јавното комунално претпријатие „Тетово“, поради што и локалната самоуправа му додели финансиска помош.
На протест денес излегоа работниците од Регионалната единица Водовод и канализација при Јавното комунално претпријатие Тетово. Велат дека 2 и пол месеци немаат добиено плата вработените со решение, а 3 и пол месеци тие без решение, а со тоа немаат ниту здравствено осигурување. Нема да излезат на терен да работат додека не им се исплатат платите.
„ Не бараме покачување, не бараме плус тоа што не може да се оствари, бараме тоа што ни следува. Ние нема да излеземе на терен“, вели вработен во Единицата.
Работниците потенцираат дека нивната работа е неоходна за градот да има непречено снабдување со вода, затоа што тие постојано се на терен поради честите дефекти во мрежата.
„Ја искористивме ситуацијава да кажеме дека водата е стратешки ресурс, и овие се стратешки работници мајстори “, додава друг работник во Единицата.
Поради доцнење на платите на вработените во Јавното комунално претпријатие „Тетово“ Општината му даде помош од 25 милиони денари. Од претпријатието велат дека постепено се исплаќаат, но некогаш имаат адмнистративни проблеми.
„Жиро-сметката на Општината некогаш се соочува со проблеми и проблемот на Трезорот којшто извесно време заради празниците не работеше, па тука се појавуваат мали дефекти, институционални, тие се неминовни, вели Љуљзим Шаќири, претставник на ЈКП Тетово.
Поради доцнење на платите минатиот месец на протест излегоа и вработените во Регионалната единица Комунална хигиена.
Од Јавното комунално претпријатие велат дека ваквите проблеми ќе се решат со формрирањето ан две засебни претпријатие, кое е во тек.
Данијела Билбилоска