Резиме на 2021, настани кои ја обележаа годината во Гостивар

Оставивме втора пандемска година зад нас. За жал, и во 2021-ва повторно најмногу работа имаа медицинарите, а болниците беа пополни од кафулињата и рестораните. Многумина, погодени од нешто лошо што им се случило, ќе речат „да не се повтори“. Никој не може да знае што не‘ чека и каква ќе биде 2022-ра, но секој од нас има моќ да стори нешто, макар многу ситно, да ја олесни, разубави, поднасмее.

За да земеме залет и зачекориме растоварени во новата година, треба да расчистиме со старата, да ја рекапитулираме. Како и секогаш, ние тоа го правиме низ настаните и тековите кои ја одбележаа ланската година конкретно во Гостивар, каде секојдневно ги следиме новостите и состојбите.

-Гостивар лани во два налети доживеа силни ковид бранови. Полни кревети на инфективно, се отвори и модуларната болница, а и други одделенија беа претворени во ковид центри поради голем број на пациенти. Надежно е што после се‘ градот излезе од 2021-ва со стабилна состојба.

-Во ова резиме неизбежно е да ја споменеме вакцинацијата против коронавирус. Процес кој почна и во Гостивар и уште трае, со интерес кога-како, но сепак нешто што влегува во актуелни теми за минатата година.

-Таква тема се и Локалните избори, кои се одржаа есента. Кампањата, иако имаше свои жестоки моменти, горе-долу беше во рамки на прифатливото. Изборите во Општина Гостивар резултираа со старо-нов градоначалник, и нов Совет, во кој има само еден член од претходниот состав.

-Во поубавите нешта од 2021-ва, би го сместиле успехот на Анди Исмаили, кој бескрајно ги израдува гостиварци кога по втор пат стана Светски шампион во модерен танц. Нема сомнеж дека ова дете го преставува Гостивар, а и земјава во најдобро светло и му претстои блескава иднина.

-Во делот на совладани предизвици големо место зазема потегот на Јосиф Мишевски од гостиварско Тумчевиште, кој во име на лицата со ретки болести летово леташе со параглајдер над Охридското езеро. Јосиф кој има ретко кожно заболување „Ихтиоза“ уште еднаш докажа дека позитивниот став и волјата се исплатливи.

– Конечно по забраните за организирање настани и карантините, во 2021-ва живна културата, па во Гостивар се одржаа концерти, се прикажаа театарски претстави, имаше промоции на книги и други случувања од тој тип. Тие секако придонесоа барем на моменти да се отргнеме од секојдневието и да ја разгалиме душата преку безвременската семоќ на уметноста.

-Кога сме кај културните збиднувања вреди да се спомене и издавањето на втората збирка раскази со наслов „Гостијарци за незаборав“, од професорот по македонски јазик во пензија, Милош Смиљаноски. Четиво кое донесува интересни приказни од гостиварското минато, низ различни ликови и временски периоди.

-Гостивар важи за град пример кога се соживотот и толеранцијата во прашање. Во таа насока, лани Советот едногласно донесе одлука Ромското знаме да биде во официјална употреба на територијата на општината, што е уште еден белег на годината што измина.

Накратко и отприлика ова беа настаните од гостиварската 2021-ва. На оние кои сме ги испуштиле, ве мотивираме да се потсетите сами. Со арно, со лошо истуркавме уште една година.  Останува на нас самите дали ги научивме лекциите што ни ги одржа и низ кои патеки ќе ја одиме новата 2022-ра.

А таа, дај боже да има еден куп здравје, сила и ум. Доволно е. Да не идеализираме и да бидеме поскромни. Во тој поглед, за крај утешниот мудар цитат на нобеловецот Иво Адриќ:

Тоа што не боли не е живот, тоа што не поминува не е среќа.

Среќно!