Реконструкција на водостанските шахти во хидроелектраната Вруток

Во хидроелектраната Вруток, која функционира во склоп на ХЕС Маврово се заокружи значаен проект, вреден три милиони евра. Се работи за реконструкција на водостанските шахти, со кој зафат драстично ќе се намалат загубите на вода, а се продолжува и работниот век на електраната.

„Овој зафат се провлекувал како неопходност во АД ЕСМ во последните десет години. Дејствата кои ги презедовме со овој проект ќе овозможат драстично намалување на загубите на вода, зголемување на производството, заштита од ерозија на околниот реон, како и заштита на реката Вардар од заматување. Со санацијата на вертикалната шахта од Шарскиот довод која заврши пред две недели, а во 2021 година со санацијата на вертикалните шахти од Јеловски довод, ќе се реши проблемот со загуба на вода што трае од 2010 година, и ќе се овозможи поголема стабилност и функционалност на електраната. Проблемот со појавените извори под затворачница-XIX биле особено изразени во март 2010, кога се зголемени од претходните 22 литри во секунда на 62 литри во секунда, за во 2014 да дојдат до 250 литри во секунда и конечно во 2016 година од 350 до 400 литри во секунда.“, изјави при генералниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски.

Компанијата поради загубите на вода во хидроелектраната,бележела неостварена добивка од 600 до 700 илјади евра на годишно ниво.

Ковачевски нагласи дека со овој проект, покрај стабилност на производството, се постигнува и безбедност на системот и на човечките ресурси.