Реновирањето на хирургија во Гостивар е при крај – просторот разубавен со уметнички дела

Привршува реконструкцијата на хирургија во општата болница „Д-р Ферид Мурат“ во Гостивар.  Пациентите кои во иднина ќе се оперираат и третираат на ова одделение, ќе имаат современи услови според високи стандарди.

Изминатиот период се работеше на поставување на специјални подови, нови врати и прозорци, изградба на посебен оддел за интензивна нега на оперираните пациенти, целосно реновирање на болничките соби, опремување со клима уреди и телевизори и слично.

„Работите привршуваат, главните се веќе готови, а останати се поситни интервенции и декоративен дел“, рече директорот на болницата Јакуп Јакупи.

Болничката управа одлучила да го разубави просторот на хирургија за пациентите и тоа со уметнички дела. За таа цел Здружението на ликовни уметници од Гостивар „Драудакум“ донираше повеќе слики, кои ќе ги красат ѕидовите во одделението. Уметниците велат дека тоа е и еден вид на благодарност кон лекарската фела.  

„Сведоци сме на едно тешко време во цел свет. Во борбата против ковид-19, единствени „војници“ кои не‘ штитат се медицинските лица. На ваков начин, симболично сакаме да им изразиме благодарност на сите лекари, медицински сестри и цел персонал што се тука за нас. Барем некако и ние да дадеме свој придонес да се хуманизира просторот, да му се даде духовна димензија“, изјави Решат Амети, претседател на „Драудакум“.

Проектот за реновирање на хируршкото одделение чини околу 12 милиони денари, а се реализира од сопствен буџет на болницата.

error: Content is protected !!