Свети Атанасиј се прослави на тетовското Кале

Православните верници денес го чествуваат празникот Свети Атанасиј Велики. Својот патрон го одбележа манастирската црква Свети Атанасиј на тетовското Кале.

Централното одбележување на празникот Свети Атанасиј Велики, како и секоја година се одржа во истоимениот манастирски комплекс на тетовското Кале. Во утринските часови во црквата беше отслужена света божествена литургија.

По литургијата се одржа чинот на режење на кумските колачи. Паричките ги одредија тројцата нови кумови.

„Првпат годинава присуствувам на тетовското Кале. Мои роднини се годинешни кумови, а ние ќе бидеме догодина, зашто мојот син го пронајде паричето. Многу сме среќни“, вели Ирена Симоска.

Главна карактеристика на овој ден е што тетовци се собираат во поголеми друштва и се прави скара на отворено.

„Палиме оган рано наутро, зашто сакаме да бидеме меѓу првите. Секоја година на овој ден се собираме ова друштво, со јадење, пиење и веселба“, вели Миле Андреевски.

„Традицијата за прослава на Св. Атанасиј на Кале трае од многу одамна. Јас доаѓам еве веќе 50 години, вели еден од посетителите.

„И ние младите ја продолжуваме традицијата. Како деца почнавме да доаѓаме на тетовското Кале и еве до денес го правиме истото“, рече посетител.

Прославата продолжи во доцните попладневни часови.

Данијела Билбилоска

error: Content is protected !!