Сезоната на грип дополнително ќе го отежни справувањето со коронавирусот

Во услови на ковид пандемија, појавата на сезонскиот грип меѓу населението ќе ја искомплицира состојбата на инфективните одделенија во болниците. Коронавирусот и грипот имаат слични симптоми и за да може да се одреди вистинската терапија, ќе мора секој пациент да биде тестиран,објаснуваат лекарите.

Грипот вообичаено се јавува во есенските месеци, а помасовно се шири во јануари и февруари.

„Симптомите се многу слични, висока температура, малаксаност, главоболки, кај некои се јавува и дијареа, поради таа сличност ќе биде тешко да се распознае. Се‘ ќе зависи од тоа колку тестови ќе обезбеди Министерството за здравство.“, рече д-р Ратко Наумоски, раководител на инфективно одделение во Гостивар.

Во никој случај граѓаните не треба да се лекуваат на своја рака, потенцираат лекарите. Секој што ќе развие симптоми кои укажуваат на ковид или зараза од грип, треба да се консултира со матичниот лекар или да се обрати директно на инфективното одделение.

Според најавите вакцинацијата против сезонскиот грип ќе започне да се спроведува кон крајот на месецов. За целата држава набавени се 40.000 дози четиритипни вакцини за бесплатна вакцинација и 4000 дози за комерцијална употреба. Бесплатните вакцини
ќе бидат наменети за лицата над 65 години, хронично болните, здравствените работници, бремени жени и децата од 6 месеци до 5 години.

error: Content is protected !!