Семир Гициќ и Ивана Наскова настапија во Тетово

Списокот на неподносливите сорти на луѓето“ е темата на безконцептуална стенд-ап комедија на Семир Гициќ. Тој вчеравечер во Центарот за култура, за прв пат настапи во Тетово заедно со неговата гостинка Ивана Наскова. Тој е дипломиран актер, а започнал со стенд ап комедија за да им раскаже на луѓето нешто што не може да го постави како драмски текст, а сепак ќе предизвика интерес. Периодов е на турнеја низ Македонија, која започна токму од Тетово.Вели дека негова цел е – луѓето да одат дома насмеани.

„Јас сум безконцептуален уметник, бидејќи никогаш не се знае каква претстава ќе направам и каков жанр ќе биде тоа. Таков е и стенд ап-от. Но, сепак имам теми, за различни луѓе и сето она што ќе ми падне на ум го зборувам. Видовите луѓе, нивната анализа и профили се дел од претставата. Целта е луѓето барем на час и пол – два да заборават на своите проблеми. Јас тие проблеми не можам да им ги решам – не можам да им платам струја, да им платам данок, да им ја напишам домашната задача, но можам да направам да заборават на тие проблеми на некое време, а и добро дело е да ги насмеете луѓето“, вели Семир.

Ивана Наскова работи стенд ап веќе 5 години. Има успешни настапи во Македонија и надвор од земјата. Тематиката на нејзините настапи, воглавно е насочена кон машко-женските односи.

„Јас сум позната по тоа што сакам да зборувам за машко-женските односи, за тоа колку се мажите напатени од страна на мажите. Другарките често ми велат: ти треба да не одбраниш. Сакам да зборувам како мажите се толку различни од жените, а некогаш толку слични. Сакам да зборувам и за браковите, имам неисцрпен материјал, кој со задоволство го пишувам и творам“, вели Ивана.

Настапите на Семир и Ивана се во организација на продукцијата „Златен Заб“, аќе продолжат во други градови од земјава како Кичево и Струга, додека вечерва, можност да уживаат во нивниот хумор, ќе имаат Гостиварци.

Powered by Live Score & Live Score App