Се надеваат на дожд за да се изгасне пожарот во НП Шар Планина

Огромни штети на природата во пожарот кој гори над тетовско Теарце во Националниот парк Шар Планина. Од Јавната установа, надлежна за паркот, се надеваат на дожд за да се изгасне, зашто е на тешко пристапен терен.

Досега изгореле над 50 хектари шума, папрат и високопланински пасишта во пожарот на локација над тетовско Теарце во Националниот парк Шар Планина. Екипите на Јавната установа интервенираат на терен, но кубурат со опрема. Поради лошите временски услови канадерот на Дирекцијата за заштита и спасување имал само еден прелет. Сега се надеваат на дожд. 

„Пилотот не информираше барем минимум 5 степени да е за да може да биде активен авионот, бидејќи замрзнува водата се полни авионот на хидрант, не моеже на никаква акумулација поради ниските температури, така што државата е ограничена во можноста да ни помогне практично сме оставени на природата таа да го регулира“, вели Анела Ставревска Панајотова, раководител на Одделение за заштита на природа при ЈУ НП „Шар Планина“

Пожарот, кој се прошири за многу кратко време е на тешко пристапен и оддалечен терен.

„Се работи за терен којшто е тешко пристапен и предходно опожарувана површина којашто има голема лежечка дрвна маса, оштетена предходно веројатно од бесправни сечи и тоа потенцијал за брзо да гори и да се создава многу чад“, објаснува Панајотова.

Пожарот беше пријавен утрото на 7 јануари.

Данијела Билбилоска