Се одбележа 22-годишнината од првиот терористички напад на полициската станица Теарце
Се одбележа 22-годишнината од првиот терористички напад на поранешната полициска станица Теарце и загинувањето на полицаецот Момир Стојаноски. На местото цвеќе положија делегации на бранители,политички партии, пратеници и граѓани.
Со оддавање почит на Момир Стојановски, првата жртва во воениот конфликт во земјава, од Здружението „Одбор на бранители“ потсетија на сите бранители кои несебично се одѕаваа на повикот за одбрана на татковината во 2001 година. Вооружениот напад на полициската станица во Теарце, кој се случил во два часот по полноќ на 22 јануари, неофицијално се смета за почеток на воената криза.
„Животот го загуби полицаецот Момир Санде Стојановски од с. Дубровница –Крива Паланка, додека потеко беше повреден Давор Евросимовски, полицаец од Тетово, а полесно беа повредени Борче Ѓуровски од с. Жилче и Јахи Лика од Тетово. Моимир Стојановски е првиот непребол меѓу сите останати паднати бранители во 2001 година и подоцна починатите од последиците на војната“, рече во својот говор Марин Најдов, претседател на Здружение „Одбор на бранители“.
Повеќе делегации положија цвеќе на бистата која се носи на ова место само на овој ден. За загинатите нема достојни обележја, а ваквите настани ги организираат поединци, бранителите се заборавени од државата, реагираат од Одборот на бранители.
„Во моментот статусот на бранителите може да се рече е очаен, со оглед на тоа дека не се згрижени, голем дел од бранителите се во социјален ризик, многу од нив веќе се починати, државата сериозно не се зафати со грижата за нив, не се интегрирани во општестово, оставени се на маргините во општеството и се во могу лоша состојба, вели Жарко Милевски, член на Здружение „Одбор на бранители“.
Од Одборот на бранители велат дека ќе ги интензивираат активностите, особено за да се избегнат манипулации со нивните гласови за време на избори, поучени од досегашното нивно искуство.
Данијела Билбилоска