Се пополнува инфективно во Гостивар, состојбата со ковид секојдневно се менува

Најголемиот дел од новите случаи на заразени со коронавирус во регионот на Гостивар се од семејни кластери. Лекарите ги загрижува што расте бројката на пациенти кои имаат потреба за хоспитализација. На инфективното одделение во гостиварската болница, кое пред неколку денови беше полупразно, сега има само два слободни кревети.

„Моментално имаме хоспитализирано 22 пациенти со ковид, а капацитетот на одделнието е 24 кревети. Слободни се само два кревети во машкиот дел. Двајца пациенти се на кислородна поддршка, четири се во средно-тешка сосојба, останатите може да кажеме дека се со средна клиничка слика. Бројот на новозаразени деновиве е зголемен, и тука зборуваме за гостиварското подрачје кое ги опфаќа општините Гостивар, Врапчиште и Маврово Ростуше. Повеќе се семејни кластери, значи по 4-5 заболени од една фамилија. Со тие што се во полесна состојба во домашна изолација контактираме ние и матичните лекари и им даваме совети, следиме, па ако не дај боже се влоши состојбата, овде сме да ги примиме“, изјави д-р Ратко Наумоски, раководител на инфективното одделение.

Според податоците од медицинските служби меѓу потврдените случаи на корона периодов, се две деца, на возраст од 9 и една година.

Носењето на маска е едно од трите „златни“ оружја во борбата против ковид, кое доколку сите го користиме значително ќе го намали проширувањето на вирусот, потсетува д-р Наумоски. 

Тимот на инфективно вели дека за сега успеваат да се справат со напливот на пациенти и да одговорат на потребите на болните од згрижување и терапија. Тешко е да се предвиди како ќе се одвиваат работите во следниот период, но доколку и натаму расте бројот на заболени на кои им е неопходна хоспитализација, ќе се активираат и дополнителни капацитети.

error: Content is protected !!