Се празнува 24-ти мај – Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј

24-ти мај – празникот посветен на Светите браќа Кирил и Методиј, со богослужба беше одбележан во истоимениот храм во Тетово.  Солунските браќа Св. Кирил и Методиј се заслужни за основање на првата словенска азбука-глаголицата, а воедно се сметаат за основоположници на словенската писменост и литература, а исто така се заслужни и за културниот развој на сите словенски народи. Во  соборниот храм „Св. Кирил и Методиј“ во Тетово посветен на светите браќа, утринава беше отслужена литургија по повод празникот.

За животот и делото на Кирил и Методиј има огромна библиографија, напишани се над 10.000 студии, прилози и статии. Има голем број фрески и икони инспирирани од нив, а многу цркви и образовни институции го носат нивното име. Во XI век Црквата го прогласила 24 мај (11 мај по стар стил) за ден на светите просветители Кирил и Методиј. Денот во Македонија првпат бил одбележан на 11-ти мај 1860 година во црквата „Света Богородица“ во Скопје.  

Ивана Серафимовска