Се пребројуваат штетите по невремето во Теарце и Непроштено

Мештаните од тетовските села Непроштено и Теарце ги пребројуваат, но и санираат штетите од синоќешното невреме, кое го зафати овој дел на тетовско. Има многу поплавени домови, оштетена пред се патна инфраструктура, а на улиците и другите јавни површини има кал до колена.

Поплавени домови и помошни протории, уништена патна инфрастуктура по вчерашното невреме во тетовските села Непроштено и Теарце. Денес се санираа штетите откако по силниот дожд, проследен со силен ветер и град, поголем доток на вода од планината донел наноси од кал, камења и песок по улиците. Со водата слезе и ѓубрето кое се фрла во планината.

„По целиот пат од горе до доле, главниот пат во Непроштено имаше многу поплавени подруми, многу поплавени фамилии. Дрвава кај мене по пат, поплавен ми беше подрумот, гаражава цела ми е со тиња. Мислам дека општинава сега треба да изреагира, да направи канали по крај патот“. – изјави Александар Исаиловски жител на Непроштено

„Полни дворови, уништени дворови, визби полни, патот е скроз уништен. Навреме треба да се санираат состојбите а не да чекаме вакво невреме. Овој канал е мал, некогаш доаѓаат големи води овде, треба да се прошири каналот“. – изјави Петар Костадиноски, жител на Теарце

Жителите велат дека не паметат низ годините наназад за толку кратко време, да наврне толку многу дожд. За еден час, колку што траело невремето, улиците буквално биле претворени во реки, па за да се спречи понатамошно излевање на Непроштенска река, било извршено чистење на коритото и поставување блокади од песок, па денес една од улиците не беше проодна.

Градоначалникот на Општина Теарце информира дека се работи на терен за санирање на последиците, но вели дека проблемот со атмосферската канализација е наследен и во иднина треба да се гради според стандарди. 

„Паралелно треба да се води сметка за атмосферските води во која насока треба истите да бидат или да завршуваат. Нема стандард со кој може да биде изграден мост со цевки поставени, кој доведе во вакви катастрофални последици. Реално од наша страна е евидентирано е и тоа се обидуваме истото да биде отстрането и во иднина во таквите планови секогаш да имаме увид и да се гради со стандарди“. – *изјави Нухи Незири, градоначалник на општина Теарце

Наносите од песок и кал се чистеа и долж регионалниот пат Тетово- Јажинце. Имаше поплавени улици и во градот, додека помали штети имаше и во селата Лешок и Требош.

Данијела Билбилоска