Сите лица со корона од регионот на Гостивар се на домашно лекување

Во моментов на инфективното одделение во општата болница во Гостивар нема хоспитализирано ниту еден пациент со Ковид 19. Сите осум лица позитивни на корона регистрирани на гостиварското подрачје, се наоѓаат на домашно лекување и засега се во добра состојба, информираше директорот на болницата Јакуп Јакупи, на денешниот состанок на Кризниот штаб.

Во статистиката на Министерството за здравство, регионот на Гостивар се води со вкупно 10 случаи на корона. Два од нив се првата и веќе излекувана пациентка од Гостивар, како и еден вработен во Центарот за јавно здравје, кој има два контроли негативни тестови. Останатите се 5 пациенти од Општина Гостивар и 3 од Општина Врапчиште.

Кризниот штаб се уште ја оценува состојбата како стабилна. Во пресрет на 4 дневниот карантин и велигденските празници упати апел граѓаните да продолжат да ги почитуваат мерките за заштита.

„Апелираме граѓаните да продолжат да ги почитуваат препораките и полицискиот час. Мобилните екипи ќе имм бидат на располагање на сите што ќе имаат потреба од лекови, храна, средства за хигиена и слично и ќе им ги достават до домовите“, изјави градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари.

Гостиварскиот Кризен штаб од централниот ќе побара во хотелите во Маврово, каде се спроведува државен карантин да бидат испратени припадници на Армијата, со цел еден дел од полициските службеници ангажирани таму, да се вратат во градот. 

Моментално во државен карантин во Маврово има 148 граѓани.  

error: Content is protected !!