Ситуацијата во Гостивар е смирена, штетите од големото невреме се санирани
Ситуацијата во Гостивар е смирена по големото невреме кое вчера го зафати градот и селото Беловиште. Од Општината прават проценки колку куќи биле зафатени со поплавата, а бројот би се знаел веќе од понеделник.
Ситуацијата сега е мирна по вчерашното невреме кое го зафати Гостивар и околината, но штетите кои се направени допрва ќе се утврдуваат.
Поради силните врнежи од дожд кои траеа повеќе од 40-тина минути беа поплавени повеќе улици и куќи во неколку населби во градот, а водата која надоаѓа од планината се излеа на селскиот пат во Беловиште.
Граѓаните велат дека има критични точки кои се поплавуват по секој пообилен дожд.
„Зошто се фрла ѓубре одозгора и дека не е средено, треба ова да се среди. Не е еден дол еден мост или нешто проблем и не е ова првпат“.
„Треба да се направи еден канал и тоа е математиката друга нема. Патот само, и доле куќите ги има фатено“.
Градоначалникот Арбен Таравари информираше дека екипи од Јавното претпријатие Комуналец и од Противпожарна станица со механизација интервенирале на терен за санирање на последиците од невремето. Поголеми проблеми настанале во постарите населби каде нема атмосферска канализација, вели Таравари.
„Поновите кај што се инсталирани последните 5-6-10 години секаде има атмосферска канализација, а во постарите нема, меѓутоа и врнежите биле огромни, вакви несреќи се случуваат, не во Гостивар, туку и во европски градови кога има поголеми врнежи. Редовно се чистат каналите. Е сега можеби некаде имало, но не може еден канал да биде причина да се поплави цел град, не се работи само за една населба, се работи за повеќе населби“. изјави Арбен Таравари, градоначалник на општина Гостивар
Таравари вели дека вредноста на вкупната материјална штета би се знаела веќе од понеделник.
„Евидентирани се повеќе штети во повеќе објекти во различни населби во Гостивар. И вчера и денеска проценителите се на терен. Откако ќе заврши проценката Советот на Општина ќе треба да донесе одлука за обештетување на граѓаните.“ изјави Арбен Таравари, градоначалник на општина Гостивар
Данијела Билбилоска