Снежна покривка на Попова Шапка
Од синоќа зимскиот центар Попова Шапка е со снежна покривка. Снег има и на другите повисоки места низ државата, а УХМР најавува нови врнежи и во текот на следните неколку дена.
Зимска идила на скијачкиот центар Попова Шапка. По синоќешните врнежи формирана е снежна покривка од 15-тина сантиметри. Од раководството на Центарот велат не е доволна за да може да стартува и скијањето, но според метеоролозите се очекуваат и нови врнежи од снег.
„Ски центарот Попова Шапка е покриен со снег, но секако не е доволен да почне скијачката сезона. Ние вчера преку ноќ ги поминавме стазите за да можеме да го зачуваме снегот, Сепак очекуваме нови врнежи во наредните денови за да може конечно да ја започнеме сезоната. Би ни требало негде 30 до 40 см снег за да можеме безбедно да скијаме во Центарот“, вели Адем Авзиу, директор на Скијачки центар Попова Шапка.
Заинтересираноста на туристите е голема, се очекува за време на новата сезона сите хотелски капацитети да бидат резервирани. Но, Попова Шапка беше преполна и за време на празничните денови.
„Да секако дека имаше голем прилив на луѓе на Попова Шапка пред Нова година и по новогодишните празници, зашто имавме сончеви денови во Центарот, ние ги оставивме двете жичари Церипашина и шестоседот на располагање за да можат да направат панорамска прошетка и да ги видат убавините на Шар Планина“, вели Авзиу.
Инаку во оваа сезона Попова Шапка ќе функционира како и досега, со благо покашување на ски билтетите, а годинава треба да се реализираат најавените инвестиции на италијанската компанија, систем за вештачки снег, нови ски стази, проширени хотелски капацитети и паркинг места.
Данијела Билбилоска