Состојбата со депонијата Русино станува алармантна

Гостиварци продолжуваат да се гушат од Русино, бидејќи депонијата секојдневно гори. Екологистите предупредуваат дека здравјето на граѓаните е загрозено, а животната средина загадена. Од Граѓанската иницијатива „Стоп Русино, чист воздух за Гостивар!“ најавуваат блокади на патот кон депонијата.

Состојбата со депонијата Русино станува алармантна. Екологистите предупредуваат дека освен загадувањето на животната средина и здравјето на граѓаните е загрозено. По постојаните пожари на депонијата мерните станици на воздухот во Гостивар покажуваат високо ниво на загаденост. Жителите велат дека во градот не се диши.

Од Граѓанската иницијатива „Стоп Русино, чист воздух за Гостивар!“ велат дека локацијата на депонијата не е соодветна и дека истата нема никакви стандарди. Најпрво бараат итно да запре горењето на Русино, да се затвори и да се инвестира во санирање на последиците и да се најде нова локација за Регионална депонија. Велат дека овој пат не отстапуваат од барањата и најавуваат блокади.

Институциите си ја префрлаат топката. Од Општина Гостивар велат дека немаат ингеренции над Русино, додека Министерството за животна средина преку соопштение објави дека Владата не одзела надлежности за управување со отпад на ниту една општина.

Токму на тема „Долгогодишното труење на гостиварчани од ѓубриштето Русино“ за вечерва е најавена јавна дебата во Гостивар со учество на сите засегнати страни.

error: Content is protected !!