Со 222 активни случаи, Тетово се наоѓа на врвот по Скопје и Струмица

Епидемиолозите велат дека состојбата е очекувана, со оглед на тоа дека мерките за заштита од ширење на заразата не се почитуваат доследно.

Уште една негувателка од тетовските градинки е позитивна на коронавирусот, трет случај досега откако започнаа со работа. Една нејзина колешка со која била во контакт и 7 деца во таа група се во изолација и се следи нивната здравствена состојба.

Од Управата на градинката „Младост“ велат дека по добиеното известување од Центарот за јавно здравје се преземени сите безбедносни мерки според протоколот.

Со Ковид 19 е заразена и професорка, но таа немала контакт со ученици, бидејќи предавала онлајн.

Состојбата со ширењето на заразата со коронавирусот во Тетово е сериозна, со оглед на тоа дека бројките на нови случаи секојдневно растат.

Фактот дека се најмногу од нив се фамилијарни кластери, покажува дека граѓаните продолжуваат да се групираат и да одржуваат свадби и други свечености.

Дел од граѓаните велат дека мерките не се почитуваат и сметаат дека треба да се воведат построги.

Во изминатото деноноќие во Тетово се регистрирани 3 нови случаи со Ковид 19, со што бројот на активно болни достигна 222. Од почетокот на пандемијата досега во овој регион има регистрирано 1607 заразени, а висока е стапката на смртност, односно починале 94 лица.  

error: Content is protected !!