Специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, Сер Стјуарт Пич, во посета на РСМ
Специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, Сер Стјуарт Пич, денеска заедно со министерката за одбрана Славјанка Петровска, беше во посета на воениот полигон Криволак за да ја предаде донацијата од Обединетото Кралство на мобилни единици за обука во урбани услови. Овој објект во согласност со НАТО ќе и’ овозможи на Армијата на Република Северна Македонија и партнерите во НАТО да ги развијат своите процедури за дејствување во густо населени, современи урбани средини. Обединетото Кралство останува близок партнер на Северна Македонија во градењето на нејзините капацитети за НАТО и ќе продолжи да ѝ помага на земјата и на Западен Балкан во одбраната и унапредувањето на каузата за мир, стабилност и просперитет во регионот.
За време на посетата на Северна Македонија, Сер Стјуарт, се сретна и со претседателот Стево Пендаровски. Целта на посетата беше да се разговара за понатамошниот развој на силните билатерални односи меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија; да се повтори силната посветеност на Обединетото Кралство на евро-атлантската интеграција на Северна Македонија и да се потврди посветеноста на Обединетото Кралство за зајакнување на стабилноста, демократијата, владеењето на правото и справувањето со криминалот и корупцијата во земјата и регионот на Западен Балкан.
Инаку, Сер Стјуарт Пич има долгогодишно искуство во регионот, како поранешен началник на Одбранбениот штаб на Обединетото Кралство и претседател на Воениот комитет на НАТО, како и во својство на командант на воздухопловните сили во командата на косовските сили (КФОР) (НАТО) во Косово. Тој беше назначен за специјален претставник на премиерот за Западен Балкан во декември 2021 година. Северна Македонија ја посети во јануари 2022 година, а во јуни 2022 година учествуваше на Преспа форумот за дијалог (ПФД) кој се одржа во Охрид во јуни 2022 година.