Сѐ помал е бројот на запишани студенти на студиската програма по македонски јазик

Причините се многубројни, но првенствено матурантите ги демотивира малата можност за вработување. Интересот се очекува да се зголеми откако ќе профункционира новиот Закон за употребата на македонски јазик, со кој се предвидува вработување на лектори во сите институции, со испит кој го полагаат само дипломирани македонисти.

Ако првите генерации на Катедрата по македонски јазик на Филолошкиот факултет при Државниот универзитет во Тетово броеја по 40-тина студенти, сега во клупите има едвај по десетина.

Професорката Марина Спасовска вели ако се земе предвид иселувањето и намалениот број средношколци тогаш овие бројки не се толку изненадувачки, бидејќи вкупниот број на запишани студенти е намален на ниво земјата, но дополнителна причина за малиот интерес за оваа студиска програма е проблемот со вработувањето.

„Нашите дипломирани студенти имаат нели можност да се вработуваат како наставници и професори во основните и во средните училишта, но факт е дека вработувања нема. Се чека да се ослободи некое работно место откако некој наставник или професор да замине во пензија. Меѓутоа не знам колку се информирани сите идни студенти коишто сѐ уште се колебаат каде да се запишат, дека со нашите студии, односно со стекнувањето на назив дипломиран професор по македонски јазик и книжевност ќе можат да се вработат покрај настаници и професори и лектори“, изјави Марина Спасовска, професорка на Филолошки факултет при Универзитетот во Тетово.

Спасовска вели дека работите ќе станат подобри кога ќе профункционира новиот Предлог- Закон за употребата на македонски јазик, кој што покрај другото предвидува и вработување лектори во сите институции.

„Меѓу другото задолжително стипендирање на студиите по македонскистика и тоа не само на првиот и на вториот и на третиот циклус. Исто така предвидува задолжително ангажирање и вработување на лектори во сите инстутуции, медиумите, приватните институции, предвидува тело, инспекторат кој ќе врши надзор на терен и обука на наставниците и професорите по македонски јазик, дополнителна обука, изјави Марина Спасовска, професорка на Филолошки факултет при Универзитетот во Тетово.

Спасовска порачува дека македонскиот јазик треба да го чуваме сите.

„Како што истакнал големиот Блаже Конески, „јазикот е единствената наша татковина, тој е нашето духовно богатство, нашиот идентитет“, значи сите ние треба да го негуваме и да го чуваме. Македонскиот јазик е со вековна традиција, тој си има своја историја, своја сегашност и ќе има своја иднина и ние не треба да дозволиме било какви негирања кои што се случуваат во последно време“, изјави Марина Спасовска, професорка на Филолошки факултет при Универзитетот во Тетово.

Интересот за студии на „Македонски јазик“ и „Македонска книжевност и јужнословенски книжевности“ не е на задоволително ниво ниту на Филолошкиот факултет на УКИМ. Лани во првиот уписен рок се запишале 16 студенти, а имало 190 слободни места.

Данијела Билбилоска