Сѐ помал е бројот на земјоделци во полошко
Лошите политики и незадоволството на земјоделците ги бркаат младите од селата, па така ретки се лицата кои ги обработуваат земјоделските површини. Поради многуте проблеми во овој сектор и постојните земјоделци се откажуваат.
Мемет Синани од тетовско Камењане вели дека во неговото село едвај една четвртина од некогашниот број земјоделци ги обработуваат нивите. И тој сега сади само пченка и пченица, од грав се откажал зашто нема работници за берба. Состојбата е иста секаде во полошко. Никој од младите не сака да работи земојделие.
*изјава Мемет Синани, земјоделец
„Полог нарочито терен каде што живееме ние, можам да речам дека 60 % од малдите заминаа. Мислам дека јас може и некој малку помлад од мене ќе бидеме последна генерација која се бави со земјоделие. Ќе почнат да сеат 5 кила компир, за да имаат 100 килограми за себе, 200 корења пиперка, 50 корења патлиџан“.
Синани вели дека поради ниските откупни цени, со години работи со загуби, а земјоделието е ризик, зависи колку ќе има род. Според него во новиот модел на субвенции условите се потешки, треба и фискализација. Истакнува дека за земјоделците најважно е да имаат осигуран пласман и рентабилна цена.
„На пазар нема фискални каси. Државата прво требаше да ги среди своите работи, да има откупни центри за производи, еве за компирот нема, за гравот нема, за пченката нема. Значи освен за пченицата, за грозјето и за тутунот друго нема откупен центар никаде“, изјави Мемет Синани, земјоделец
Производителот има своја мака и свои трошоци, но на негов грб заработуваат трговците, вели Синани.
„Дебелата казна ја плаќа купувачот на тој патиџан што велите, а ќарот е тој што го откупува од производителот што му го носи на пазар, на другиот трговец, кај нив е таа заработка и затоа луѓето се откажуваат од земјоделие“, изјави Мемет Синани, земјоделец
За намалување на производството на храна во земјава влијае и намалувањето на обработливите земјоделски површини. Нивите се расцепкани на мали парцели. Голем дел од обраболиви земјоделски површини се пренаменуваат во градежни, па на нив наместо плодови, „никнуваат“ разни објекти.
Данијела Билбилоска