Сјајот на Шарпланинскиот куп (не)згасна

Во изминативе 10 години од кога не се одржува Шарпланинскиот куп, немало посериозни иницијативи за возобновување. И додека државата нема слух за повторна обнова на купот, остануваат спомените да говорат за златната доба на скијањето во Македонија.

1947 година, Македонија во поствоен период, истата година на Попова Шапка за првпат почнува да се одржува спортската манифестација Шарпланински куп.  Идејата за Шарпланинскиот куп како што раскажува нашиот соговорник Јован Божиновски, потекнува 13 години претходно поточно во 1934 година, кога на Попова Шапка се одржал натпревар помеѓу скијачката секција на Планинарското друштво „Љуботен“ и скијачката секција на туристичкото друштво „Југ“ од Скопје. Оттогаш се организирале неколку помали натпревари во скијање на Попова Шапка, за после Втората светска војна на иницијатива на група планинари и скијачи да биде обновен планинарскиот дом на Попова Шапка кој бил разрушен за време на војната и конечно во 1947 година да биде организиран натпревар во скијање кој ќе вклучи натпреварувачи и од земјите во регионот.

Учесниците во првите неколку години од одржувањето на купот се натпреварувале во спуст, а потоа остануваат само дисциплините слалом и велеслалом. Натпреварите биле во машка и женска конкуренција, но низ годините поголем интерес за пријавување и учество на Шарпланинскиот куп се бележи кај скијачите од машкиот пол. Првите тројца најдобри скијачи добивале парична награда, а првопласираниот дополнително добивал пехар и куче Шарпланинец како симбол на планината и маскота на купот. Низ годините победи нижеле првенствено странски скијачи, но и македонските вешто ги покажувале скијачките вештини на снежните патеки.

Подготовката за Шарпланинскиот куп уште од самите негови почетоци, барала многу добра организација, време, но и човечки ресурси особено во делот на подготвувањето на скијачките патеки. Токму за таков интересен момент од минатото за тоа како се подготвувале терените во пресрет на купот, пред нашата камера раскажува Јован Божиновски.

Шарпланинскиот куп низ годините стана бренд и препознатлив белег на Попова Шапка. 

Дружбата, новостекнатите пријатели, многуте анегдоти, големата посетеност како од странски така и од домашни туристи стојат зад Шарпланинскиот куп кој меѓу другото остана во позитивно помнење кај многумина. 

Од официјалниот почеток на Шарпланинскиот куп во далечната 1947 година, поради разновидни причини бил во прекин неколкупати за да во 2013 година биде одржан последниот Шарпланински куп. Согласно ова, годинава навршува една деценија од кога не се одржува овој спортски настан за што се виновни повеќе фактори.

Во изминативе 10 години од кога не се одржува Шарпланинскиот куп, немало посериозни иницијативи за возобновување. Придобивките од неговото повторно враќање во живот, можат да бидат огромни почнувајќи од пораст на туризмот, поефективна афирмација на Попова Шапка и на Македонија во странските земји, и поттик за младите да го развиваат и негуваат спортскиот и натпреварувачкиот дух. И додека државата нема слух за повторна обнова на купот, остануваат спомените да говорат за златната доба на скијањето во Македонија.

Ивана Серафимовска