Таравари и Шабани во посета на училиштата во Гостивар

Ќе добијат ли повеќе училишта во Гостивар согласности за настава со физичко присуство? Општината пред Министерството за образование ќе излезе со предлог, учениците во повеќето училишта да се вратат во клупите, органиизрани во 4 смени со скратени часови. Според градоначалникот Арбен Таравари, тоа е барање на голем дел од децата и родителите кои реагирале дека онлајн наставата не е ефикасна.

„Состојбата со ковид во регионот на Гостивар моментално е стабилна и сметаме дека има услови да се овозможи настава со физичка присутност на децата. Училиштата да организираат по 4 смени, а часовите да бидат скратени. Сметаме дека тоа е добро решение и ќе го предложиме на Министерството за образование. Кај учениците и родителите постои големо незадоволство од онлајн наставата, многу проблеми се случуваат и тие сакаат да се вратат во училиште.“, изјави градоначалникот.

Таравари заедно со заменик министерот за образование Арафат Шабани ги посетија основното училиште „Исмаил Ќемали“ и средното медицинско, а потоа одржаа состанок со директорите на гостиварските училишта.

Заменик министерот нагласи дека над 80% од учениците во земјава успешно следат настава на далечина, а за останатите се прават напори да се надминат проблемите.

„Тоа се најчесто проблеми со немање стабилен интернет или соодветен електронски уред, за што се бара решение. Генерално онлајн наставата успешно се спроведува, и бележиме дека расте бројката на учениците кои се вклучуваат во процесот“, рече Шабани.

Од општината информираа дека од почетокот на новата учебна година во Гостивар е регистриран еден случај на коронавирус кај ученик, за што биле преземени соодветните мерки според протоколот.

error: Content is protected !!