„Тајната на манастирот Свети Пантелејмон“ – книга на Владимир Кочоски

Идејата за изработка на монографија за манастирскиот археолошки комплекс „Свети Пантелејмон“, во близина на Ниќифорово, Мавровско произлегла од пред 30 години. Месното население покренало иницијатива да се расчисти теренот околу малата црквам која се наоѓала  на изворско место со света вода.  Посетувана била од многумина, а локацијата била позната и како излетничко место.

При уредување на теренот наишле на гробно место. Повикан бил Републичкиот завод за заштита на културно-историски споменици, од каде што извршиле увид и се откриле темели на рано христијанска базилика од 5 или 6 век. Според научните податоци, како и легендите и преданијата се консктурира целата историја на манастирскиот комплекс. Таа историја во монографија ја преточува тетовецот Владимир Кочоски. Тој вели дека дури и владиката Кирил велел дека манастирскиот комплекс во Ниќифорово е вториот Климентов универзитет.

„ Тоа е најстарата црква на Полошко-мавровски регион и пошироко. Има димензии од 24 метри должина и е импозантен објект, што покажува дека имало живот таму. Владиката тврдеше и легендите го потврдуваат тоа, дека учениците на Климент доаѓале таму и го формираат тој втор универзитет. Посветен е на Пантелејмон, кој е заштитник на Климент. Откриени се темели и на конаци, па се смета дека таму постоела школа за препишување“, вели Кочоски.

Меѓу 9 и 12 век, според археолозите, комплексот бил изгорен, а Кочоски смета дека тоа се случило пред крај на 11 век.

„На местото на манастирот потоа е изградена мала црквичка, според легендата на луѓето им се појавил светецот и им рекол да ја направат црквата. Така го направиле црквичето на изворска вода“, раскажува Кочоски.

Иако во монографијата ги собрал сите познати информации за местото, сепак вели дека тајната на манастирскиот комплекс „Свети Пантелејмон“ како што е и самиот наслов на книгата, ќе остане да се открива и од следните генерации.

„По интервенција на Републичкиот завод за заштита на културно-историски споменици, таа црква е обновена. Се потрудив во книгата да го обезбедам сето она што ми беше пристапно како материјал од науката, но да направам и мозаик, да ја склопам сликата комплетно за манастирот и историјатот, со помош и на легендите и преданијата и исказите на одредени луѓе“, вели Кочоски.

Примероци од монографијата, авторот оставил во самата црква во Ниќифорово, Мавровско.

error: Content is protected !!