Тетовец со реакција дека го пријавил инцидентот со бездомните кучиња, по прозивката од градоначалнкот

По саботната прес-конференција на тетовскиот градоначалник, Биљал Касами, во врска со видеото кое вирално се прошири, а на кое се гледа како тетовец е нападнат од група агресивни бездомни кучиња, каде што меѓудругото тој рече дека на видеото не се гледа јасно дали лицето кое е нападнато од кучињата намерно ги испровоцирал или навистина се нашол во неволја,

својата страна од приказната пред нашата камера ја изнесе, Агрон Арифи, кој неколкупати досега бил нападнат од агресивни кучиња-скитници.

Арифи во изјава пред нашата камера зборува дека повеќепати до надлежните институции пријавувал напади од кучиња-скитници, но безуспешно.

Арифи, додава дека жителите на населбата кај основното училиште „Истикбал“ и Гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово често се соочуваат со напади од бездомни кучиња и побара поефективно решение од општината.

Кучињата-скитници се децениски проблем во Тетово и пошироко. Пред извесно време пак, општината започна акција на заловување на агресивните бездомни кучиња, но и тоа не даде некој голем резултат со оглед дека и понатаму градот е преплавен со кучиња-скитници. Во врска пак, со изградбата на регионалниот шелтер-центар во Оптшина Врапчиште, градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, изјави дека допрва треба да се подготви целата процедура за реализација на проектот.

Ивана Серафимовска