Тетово на 8 септември се сеќава на трагичниот пожар во модуларната болница

Помина една година, но се уште нема одговорност. Судењето за предметот започна на само два дена пред годишнината, но истото беше одложено за следниот месец, поради отсуство на дел од обвинетите.

Додека роднините на загинатите и јавноста чекаат одговори, изгорениот монтажен објект, кој се уште е во кругот на болницата, е нем сведок на таа кобна вечер, на 8 ми септември 2021.

Тетовци велат дека опожарениот објект треба да се отстани и вакви трагедии никогаш да не се повторат.

Основното јавно обвинителство десет месеци водеше истрага во која стручни анализи и вештачења беа направени од Министерството за внатрешни работи, Технолошкиот факултет, електроинжинер и германски истражители.

Во извештајот на МВР беше наведено дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби.

Во обвинителниот предлог поранешните директори Флорин Бесими и Артан Етеми се обвинети за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, докторот Бобан Вучевски за кривично дело „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“, додека правното лице ЈЗУ Клиничка болница Тетово за кривичните дела „предизвикување општа опасност“ и „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“.

Сомнежот за пропусти се прошири, и истражителите на Вилма Русковска од Одделението за гонење органзииран криминал и корупција отворија предмет по допрен глас. Постапката е во насока на проверка на спроведувањето и реализацијата на јавните набавки за изградба на модуларните болници во државава, но по превирањата во ова обвинителство сеуште нема епилог дали и овој предмет ќе заврши со кривичен прогон.

Во пожарот во модуларната ковид болница лани загинаа 12 пациенти и 2 посетители, додека 12-мина преживеаа. Снимките од безбедносните камери сведочат како лицата се спасуваат скокајќи од прозорците се до моментот кога пламените јазици и густиот чад не го проголтаат монтажниот објект за неколку минути.

Данијела Билбилоска