Тетово неколку дена без вода

Граѓаните ќе мора да се стрпат до сабота – најнова информација од надлежните за водоснабдувањето. Се работи на промена на пукнатата цевка во водоводната мрежа на Лешница. Граѓаните, пак, особено од погорните населби се револтирани, бидејќи кај нив неколку дена воопшто нема вода за пиење.

Како на оваа јавна чешма, така и во домовите на жителите на погорните населби во Тетово веќе неколку дена воопшто нема вода за пиење. Со намелен притисок и рестрикции се соочуваат и другите делови на градот поради голем дефект на главната водоводна цевка во мрежата на Лешница.

Граѓаните се револтирани. Велат во услови на пандемија кога најмногу е потребна хигиената, тие немаат вода.

Се уште се работи на санација на дефектот, односно се врши промена на цевката. Бидејќи се работи на потешко пристапен терен, од ЈКП Тетово велат дека ако активностите се одвиваат според планираното, најверојатно водата ќе биде пуштена во сабота.

Пред три дена поради свлечиште на неколку километри од село Бозовце пукна главната цевка во водоводната мрежа на Лешница, што резултираше со 60% губиток на вода. Поради тоа беа активирани и гратските бунари, па заедно со стариот водовод, во моментов Тетово се снабдува само со околу 200 литри во секунда.