Тетово ќе добие нов државен студентски дом
Тетово ќе добие нов студентски дом. Според информациите од Министерството за образование и наука градежните работи се целосно завршени, а во моментов се опремува внатрешноста. Студентскиот дом е изграден за потребите на државниот Универзитет во Тетово, а првите студенти се очекува да ги прими веќе следната академска година.
Тетово ќе добие нов студентски дом. Како што соопштуваат од Министерството за образование и наука домот кој се гради за потребите на Државниот Универзитет во Тетово се очекува да ги прими првите студенти веќе следната академска година. Од МОН дополнуваат и дека градежните работи се целосно завршени, а во моментов етапно се опремуваат собите и сите останати простории кои ќе им бидат на располагање на студентите што студираат или во иднина кои ќе одлучат да студираат на тетовскиот државен универзитет и ќе имаат потреба од сместување. Увид во активностите извршија министерот за образование и наука Јетон Шаќири заедно со заменик-министерот Агим Нухиу, ректорот на универзитетот проф. д-р Куштрим Ахмети и претседателот на универзитетскиот сенат проф. д-р Вулнет Амети. Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, пак, информираше дека се работи за крупна инвестиција која ја реализира Министерството за образование и наука и е во последна фаза на реализација. Ќе следува партерно уредување и приклучување на студентскиот дом на водоводната и електрична инфраструктура во градот. Освен објектите во кои се изведува наставно-научната дејност, со изградбата и пуштањето во употреба на студентскиот дом, државниот универзитет ќе може да понуди комплетна услуга за идните академски граѓани и очекувањата се дека ќе привлече значително зголемен број на студенти во следниот период. Тука недостигаше сместувачки капацитет и со заложба на Владата тој се гради согласно сите современи стандарди за квалитет, дополни Шаќири. Тој истакна и дека студентскиот дом во Тетово за првпат влегува како институција во рангот на другите студентски домови во државата, а конкретно за реконструкцијата на одредени студентски домови во Скопје рече дека МОН ги дава сите напори што поскоро да се решат неколку правни прашања за да може да отпочне обновата.
Инаку, според информациите од МОН новиот студентски дом во Тетово ќе има сместувачки капацитет за околу 300 студенти.
Ивана Серафимовска