Тетовската Клиничка болница ќе воведува поголем ред во однесувањето на вработените

Тетовската Клиничка болница ќе воведува поголем ред во однесувањето на вработените, за да не се повтори скандалот со анестезиологот кој ја повреди приватноста на пациентите емитувајќи видео на Тик Ток. Иако постојат непотврдени информации дека лекарот и претходно несовесно се однесувал, за него не се водела никаква постапка, затоа што немало Дисциплинска комисија, потврди и новиот директор Плумб Вела.

„Разговори муабети, можеби имало, но званично нешто не. Во неговото досие стои дека бил болен од туберкулоза и бил на лекување 1 година. Нешто друго , за употреба на наркотични средства немаме такво досие. Ќе формираме дисциплинска комисија, во која, според законот, членови ќе бидат член од Синдикатот, лекари од Хируршкиот, од Интернистичкиот блок, правник“ – изјави Плумб Вела, директор на ЈЗУ Клиничка болница Тетово

Она што всушност е непишано правило, дека медицинските лица не треба да даваат приватни инфрмации на пациентите, ниту да објавуваат фотографии и видеа без дозвола, сега Установата го сублимира во Правилник.   

„Да не се повторат вакви случаеви како што беше минатата недела, да се заштити приватноста на пациентите, истовремено со тој Правилник да се заштити угледот на болницата и на самите лекари“ – изјави Плумб Вела, директор на ЈЗУ Клиничка болница Тетово

И јавноста и лекарската фела го осуди случајот во кој лекар во живо на Ток Ток емитуваше снимка од персонал и пациенти на кои им се пружа помош на гинеколошкото одделение. За него се води постапка пред Комората за времено одземање на лиценцата за работа.

Данијела Билбилоска