Тетовци ќе плаќаат поскап паркинг

На социјалните мрежи Јавното претпријатие Градски паркинг Тетово ги извести граѓаните дека има промени во ценовникот на паркинг зоните врз основа на одлука донесена од Советот на град Тетово од 28.12.2021г, односно дека се зголемени цените за паркинг услугите во градот, како и казните за погрешно паркирање. Од таму информираат дека оваа одлука стапува на сила од денеска.

Цена за зона А ќе биде 40 денари, за зона Б 30 денари. Во затворените паркинзи годишна карта ќе биде 3000 денари. На зонското во зона Б карта ќе биде 4500 ден. на годишно ниво. Во зона А остануваат истите цени. Пајак службата -казната за непрописно паркирање во земјава ќе биде 1300 денари, додека за преместено возило 1800 ден“.

Во објавата стои дека информационите табли се во изработка, истите ќе бидат адаптирани додека се подобрат временските услови за нивна целосна замена.

Вчера, пак, беше презентиран планот за зголемување на бројот на паркинг места во градот, со воведување зонско паркирање на улици во Тетово, а беше најавена и изградба на катни паркинзи на три локации.

„Градски паркинг„ во моментов располага со 420 зонски паркинзи и 220 затворени паркиралишта. Со планот, предвидено е да има вкупно 425 зонски паркинзи, 775 затворени паркинзи и 1 610 места за паркинг на катни гаражи.