Тоде Секулоски: Во копаничарството го наоѓам мирот

Уште како мал започнал да прави куќички и играчки од дрво. Тоде Секулоски од тетовска Брвеница од самото детство се занимава со изработка на дрвени предмети. Гледајќи го својот татко како изработува мебел, и кај него се јавила желба за изработки од дрво. Сега е искусен копаничар, а основата за копаничарството ја изучувал од Будимир Апостолски – Пишман.

„Во 2007 година, во септември, почнав кај господинот Будимир Апостолски, веќе познат копаничар во Тетово и таму една година го изучував овој занает и од 2008 година почнав сам да творам во моето ателје. Сите вештини ги научив од него и тој несебично ми го пренесе овој занает. Прво што ме праша беше дали знаеш да црташ, бидејќи треба да се има малку артистички сенс за ова, да се има визија за 3Д, зошто ова е резба. Ми даде парче дрво и уште од првиот ден започнав со занаетот“, вели Тоде.

Тоде вели дека на ова поднебје најмногу се користи оревот, кој е доста погоден за резба. Изработува најразлични предмети: икони, маски, скулптури…најмногу се инспирира од видео игри, а токму за тие дела има заинтересирани купувачи.

„Каде што црпам инспирација од видео игрите, има доста интерес бидејќи интересни се и делата. Порано, на почетокот најмногу работев икони, бидејќи учителот мој тоа го работеше. Видов дека нема за тоа многу интерес, бидејќи младите тоа многу не ги интересира, но во последно време кога почнав со маски да работам, од видео игри и фантазија, гледам дека има интерес“, истакнува Тоде.

Потребна е концентрација, бидејќи нема несто за грешка, вели Тоде. Тој досега има изработено околу 500 дела од дрво. Го оставивме во неговата работилница, како што вели тој – местото каде го наоѓа мирот, за да продолжи со создавање, на нови уметнички дела.

error: Content is protected !!