Топлата зима без снег ќе ги намали приносите на пченица

Невообичаено топлата зима без снег ќе удри по грбот на земјоделците. Агрономите велат дека ваквите услови негативно се одразуваат врз есенските посеви и ќе ги намалат приносите. Во гостиварскиот регион во есенската сеидба најзастапена е пченицата, по што следува јачменот. На производителите сега им останува да се понадеваат на дожд, што ќе спречи да претрпат поголеми штети.

„Топлата зима без снег ќе има негативно влијае врз земјоделието. Сепак, доаѓа пролет, очекуваме дождови, би требало малку да се подобри ситуацијата. Во глобала, приносот ќе се намали, но нема да биде толку страшно, ако имаме врнежи. Ако нема врнежи, ќе има проблем со формирањето на класот и ќе има многу помал принос.“, вели Северин Фазлија, агроном од Гостивар.

На гостиварското подрачје се одгледуваат неколку врсти на пченица: оровчанка, балкан и новосадска. Фазлија нагласува дека во родот и квалитетот на пченицата доста важно е и како земјоделците ќе успеат се справат со плевелот. Со неговото 25 годишно агрономско искуство, оценува дека од нивите во гостиварско излегува квалитетна пченица, но засеаните површини значително се намалуваат.

„Може да се каже декасега површините се намалени за околу 50 отсто. Народот се иселува, а и нема млади земјоделци, нема интерес кај младите да се занимаваат со земјоделство“, вели Фазлија.

Во горнополошките полиња пченица се сее на околу 2.500 хектари површина.

Powered by Live Score & Live Score App