Традиционално во Луковица одбележан празникот Илинден
Традиционално и оваа година во Луковица се одбележа православниот и национален празник Илинден. Прославата започна во утринските часови со црковна литургија во црквата „Свети Илија“, а продолжи со осветување и режење на славските колачи на сите 15 кумови. За присутните верници од страна на овогодинешните кумови беше приготвена братско-сестринска трпеза на љубовта. Празничната атмосфера ја надополни Маестро бенд, свирејќи и пеејќи македонски народни песни за потполна забава на присутните верници.
Верниците задоволни од целата организација на прославата, но пред нашата камера велат дека со изградбата на нов пат кон селото, ќе има поголема посетеност.
Неасфалтираниот пат којшто води до селото со години наназад е горлив проблем за мештаните, но и за посетителите кои во летниот период ги има во се’ поголем број. Во моментов во Луковица има околу 45 постојани жители и е единственото село во Општина Желино во коешто живеат Македонци.
Ивана Серафимовска