Традицијата на делење пита со паричка за Василица низ храмовите во Тетово, продолжува и годинава

Престојнава сабота на 14-ти јануари во сите православни храмови во Тетово и неколку околни населени места, точно напладне ќе се слушне биењето на камбаните, по повод одбележување на празникот Свети Василиј Велики или кај народот познат како Василица. Во црквите ќе бидат поделени парчиња пита со паричка, обичај карактеристичен за овој празник. Иницијативата за вакво одбележување на празникот потекнува од група граѓани, а целта е истото да продолжи од година в година.

Инцијаторите ги повикуваат сите православни верници, кои се во можност да дојдат во храмовите по повод празникот за одбележувањето да биде помасовно.

Ваквиот начин на прославување на Василица, во Тетово и тетовско за првпат беше реализиран претходната година. Инаку, празникот во Соборниот храм „Свети Кирил и Методиј“ во Тетово, ќе биде одбележан и со црковно бдение кое ќе започне во 21 часот по што ќе бидат поделени парчиња комат со паричка, а најсреќниот ќе биде кум следната година.

Ивана Серафимовска