Три маркети во тетовско казнети зашто немале на рафт овошје и зеленчук чија цена е замрзната
Понудата на овошје и зеленчук во маркетите во Тетовско не е толку богата како пред одлуката за замрзнување на цените. На пазарот има голема понуда, но висината на цените варира. Граѓаните велат дека за нив најголем проблем е скапотијата, зашто месечните примања се ниски, особено за пензионерите.
„Во маркетите слабо, на пазар има се“.
„Само пари, сѐ има, “
„Од денеска до утре појди во маркетот, цениве се многу скапи“.
“За народот се скапи, за некого не се, но за поширока маса на народ скапи се нормално. Пролетва страшни се цените, можеби ќе паднат но кој знае“.
Само еден граѓанин се јавил на телефонскиот број на Одделението на Државниот пазарен инспекторат во Тетово и пријавил дека во маркет нема грав.
Во три трговски субјекти во тетовско, инспекторите при контролите утврдиле дека не била почитувана одлуката, односно обврската во структурата на дневната набавка на сите видови овошје и зеленчук, да прибавуваат и да продаваат најмалку 70% од производите со замрзната цена.
„Од прилика сме контролирале околу 70 трговски субјекти и констатирано е дека кај поголемиот дел се почитуваат владините одлуки, но имаме случаи каде сме сретнале трговци кои не ја почитуваат одлуката и според закон биле санкционирани и казнети и им е даден платен налог, во вредност околу од 1 600 евра. Овие контроли биле исклучиво по големите маркети, значи трговски, ланци, кај нив е констатирано дека не се почитува, кај тројца значи “, изјави Лилберт Мемети, раководител на тетовското одделение на ДПИ
Контроли биле спроведени и на Зелениот пазар. Таму, пак, продавачите се жалат дека цените по кои ги набавуваат овошјето и зеленчукот се повисоки од „замрзнатите“, па речиси никој нема истакнато цена.
Данијела Билбилоска