Три семејства со дечиња живеат во субстандарди услови покрај гостиварска патарина

Во шатори направени од најлон, среде кал, во влага и бедотија, со празни стомаци. Вака животот го крпат три ромски семејства, близу гостиварската наплатна рампа. Ниту едно од седумте дечињата, колку што ги има во импровизираните живеалишта, не оди на училиште. Нивното секојдневие се гладот, студенилото, сиромаштијата…далеку од безгрижната детска игра, под секое човечко достоинство. Нашата екипа утрово ги посети овие семејства, да ги сослушаме и пренесеме нивните маки, со надеж дека хуманите луѓе и институциите ќе се активираат да им помогнат.

„Ова не е живот, гледате и сами, од секаде дува, тече вода, и во нив внатре газиме во кал, спиеме во вода. Во зима е уште потешко, не можеме да се стоплиме, врне, има ветер. Најтешко е за децата, немаме услови за нив, не одат ни на училиште. Никој не ни помага, ни државата ништо. Некој вози коли од 300 илјади евра, а некои како нас немаат леб да јадат. Многу е тешко. Јас имам две мали деца, а уште едно ќе се роди, сопругата е бремена. Со вакви услови како да живееме. Треба ли на тие деца да им дадеш јадење, да ги облечеш, топло да им биде“, вели Алтар Камберов.

Овие луѓе велат дека во најлонските шатори покрај патарината во Гостивар живеат околу 4 години. Кажуваат дека немаат лична документација и не примаат социјална помош. За парче леб се снаоѓаат собирајќи старо железо, пребарувајќи по канти и со питачење.

Алтар, кој зборуваше јавно во име на сите од семејствата, вели дека најважно е да им се помогне во обезбедување на прикладно живеалиште. Децата да почувствуваат што значи топол дом, без страв дека од накаде ќе дува, тече вода, или пак опасност нешто да им се сруши над главите.

Доколку некој поединец или фирма има воља да им помогне на овие семејства,може да се обрати до нашата редакција за контакт.