Тројца хоспитализирани со ковид на инфективно во Гостивар

Гостивар повторно е на удар на коронавирусот. Состојбата се смени во период од една недела. Ковидот почна да се шири меѓу граѓаните. Дневно има и над 20 нови случаи. На инфективното одделение веќе се хоспитализираат пациенти, за разлика од изминатиот период, кога беше стабилно и без потреба од болничко лекување на заразени.

„На инфективното одделение хоспитализирани се 3 пациенти, во средно-тешка здравствена состојба, стабилни, немаат потреба од кислородна поддршка. Претходниот ден имавме 5 пациенти, од кои едната пациентка беше потежок случај и ја препративме во Скопје, а друга пациентка се потпишала дека самоволно го напушта одделението и е на домашно лекување. Бројот на амбулантски случаи е доста зголемен.“, вели д-р Ратко Наумоски, шеф на инфективно.

Најголемиот дел од новите случаи во Гостивар се од семејни кластери. Празничните собирања и прослави кои ги имаше во голем број го направија своето, оценуваат лекарите. Сега за сега тешко е да се предвиди каков тек ќе има ситуацијата, но со оглед дека печалбарите заминаа, повеќето празници се веќе зад нас, се очекува смирување.

Според податоците од Институтот за јавно здравје во период од една недела во Гостивар се потврдени вкупно 96 нови ковид позитивни. Бројката на активно болни стигна до 107.