Угостителските објекти во Гостивар периодов имаат продолжено работно време

Кафулињата, рестораните, пицериите и другите угостителски објекти кои се наоѓаат на територијата на Општина Гостивар, може да работат два часа подолго. Општинскиот Совет на последната седница, што се одржа во петокот, донесе одлука за продолжување на работното време на локалите од овој тип, која ќе важи за време на празничниот период.

Предлогот дојде од советникот Гоце Димовски од ВМРО ДПМНЕ, кој рече дека угостителите биле силно економски погодени од пандемијата, и на овој начин, во време на празници им се дава финансиска инекција.

„Ни доаѓа период на Нова година, Божиќни празници, а тргнувајќи од фактот дека угостителите во пандемијата беа најмногу погодени од кризата, предлагам да им се даде дополнително работно време од два часа“, рече Димовски.

Ова не е прв пат угостителите на подрачјето на Гостивар да добијат продолжено работно време. Ваква одлука беше донесена и се спроведуваше и летово, во траење од 15-тина  дена.

Инаку, според актуелните антиковид мерки, во угостителските објекти е дозволен влез само за гости со сертификат за примени две дози вакцина или прележан ковид во последни 45 дена.