УЕФА го одреди терминот за ждрепката за квалификациите за СП 2022 во Катар

Ждрепката за квалификациите за Светското првенство во Катар во 2022 година ќе се одржи на 29-ти Ноември. Во европските квалификации ќе учествуваат сите 55 држави членки на УЕФА. Квалификациите ќе имаат 10 групи, 5 со 6 репрезентации и 5 со 5 репрезентации. Победниците на сите групи обезбедуваат директен пласман на Светското првенство. Второпласираните селекции, заедно со двете најдобри од Лигата на Нации кои немаат обезбедено директен пласман или пласман во плеј-офот, ќе се најдат помеѓу дванаесетте репрезентации кои ќе играат за последните три места кои и следуваат на УЕФА.

При одредувањето на групите ќе има неколку рестрикции:
– Поради политички причини нема да може да се паднат следниве двојки:
Ерменија – Азербејџан, Гибралтар – Шпанија, Косово – Босна и Херцеговина, Косово – Србија, Косово – Русија и Русија – Украина.
– Поради зимски услови на игра, по максимум две од следните репрезентации ќе може да играат во иста група: Белорусија, Естонија, Фарски острови, Финска, Исланд, Летонија, Литванија, Норвешка, Русија и Украина. Исланд и Фарски острови нема да може да бидат во иста група, бидејќи не можат да организираат натпревари во март и ноември.
– Поради големата географска оддалеченост и избегнување на долги патувања, наведените репрезентации ќе може да добијат максимум едно далечно патување:
Азербејџан – Исланд / Гибралтар / Португалија,
Исланд – Ерменија / Кипар / Грузија / Израел,
Казахстан – Андора / Англија / Фарски острови / Гибралтар / Исланд / Малта / Северна Ирска / Португалија / Ирска / Шкотска / Шпанија / Велс.