Уметноста како начин на живот – неколку минути со Славчо Максимовски

Уште од најрана возраст покажал интерес кон ликовната уметност. Неговиот талент го воочиле и наставниците, а неговите цртежи секогаш се издвојувале од останатите. Славчо Максимовски одлучил дека ликовната уметност ќе биде негова определба, но и начин на живот. Вели дека за него е воодушевувачки фактот што преку ликовната уметност, од бело платно, можете да создадете прекрасно дело.

„Важна е средината во која растеш, јас немав во мојата околина некој што се бавеше со ликовна уметност, но гледајќи ги уметниците во Охрид и на море, сето тоа ми изгледаше многу привлечно. Неверојатно е чувството од ништо да создадете нешто“, вели Максимовски.

Секоја генерација има своја револуција – вели Славчо. Тој одреден период, своето знаење го пренесува и на младите.

„Никој не смее и не може да ви ги одземе соништата. Тоа им го велам на децата секогаш – да се борат за она што го сакаат. Така може да се успее, ако навистина се вложиш и го сакаш она што си замислил дека ќе бидеш. Истрајноста е најважна“, вели Славчо.

Славчо на крајот ни објасни, колку е значајна уметноста за развој на секоја индивидуа.

„Ако одите на гледате театрски претстави, ако гледате во уметнички слики, ќе ви се смени перцепцијата во животот. ќе почнете да размислувате, ќе го збогатите духот. Важно е не само да гледате, туку и да видите и согледате“, истакнува Максимовски.

error: Content is protected !!