Уникатниот „мал музеј“ на тетовецот Зоран Јанкуловски

Австриска камера од 1887 година, пушка каранфилка, клавир-хармониум изработен во 1890 година. Ова е само дел од уникатните антиквитети кои ги има тетовецот Зоран Јанкуловски. Својот дом го уредил како вистински музеј. Уште како дете кај него се јавила желба за зачувување на стари предмети, кои во себе ја чуваат историјата, но зрачат и со уметнички сјај.

„Татко ми потекнува од Љубојно, едно идилично село на Преспанското езеро, со една автентична, рустикална архитектура македонска. За жал, поради нашата национална инфантилност, полека тоа се губи и ќе останат само рудименти од сиот тој спектар, и токму во таа наша куќа од камен, сите тие предмети кои за мене беа необични, миризбата од старата куќа, книгите, документите, предметите, ме наведоа, предмет по предмет да ги собирам. Тоа беше првичната побуда и желба, не знаејќи дека сето тоа ќе премине во пасија и моја страст“, вели Зоран.

Речиси две децении интензивно собира предмети. Голем дел од нив се уште се функционални. Секој предмет му е драг – се што имаестетска вредност, а е старо за Зоран е важно и интересно. Старите предмети уште ги нарекува „сведоци на едно време“.

„Овој клавир до мене е навистина вреден од 1900 година и на Парискиот саем за нови инструменти е прогласен за најубав инструмент за таа година. голема вредност има и зачуваниот клавир-хармониум. Имам и пушка каранфилка стара повеќе од два века, како и стари книги. Морам да ги издвојам и грамофоните со труба“, истакнува Зоран.

Секогаш кога патува со семејството надвор од земјава, наоѓа нови и вредни предмети кои дополнително ја збогатуваат неговата колекција. Зоран со нас сподели, што е она што навистина го прави среќен:

„Со ова не ја задоволувам мојата суета, туку мојата љубов кон овие предмети, затоа што кога сум сам со нив, на некој начин општам со нив, со самата реставрација, миризба, патина што ја имаат од староста – тоа е она што ме прави среќен“, вели Зоран.

error: Content is protected !!