Уништени реквизити во новото шеталиште покрај Вардар во Гостивар

Неубава и разочарувачка глетка во новиот спортско-рекреативен центар покрај Вардар во Гостивар. Викендов што измина, несовесни поединци уништиле неколку од реквизитите наменети за децата. Искршена е лулашка, вртелешка, а видно оштетени се и вештачките карпи за качување. Центарот, кој се протега од малиот до големиот мост во должина од околу половина километар, беше пуштен во употреба кон крајот на минатата година. Стана омилено место за прошетка на гостиварци, но само по неколку месеци веќе е мета на вандализам.

Од локалната самоуправа излегоа со реакција, најавија дека ќе ги санираат штетите, а во иднина ќе ангажираат чуварска служба.

„Последниве денови бевме сведоци на вандализам врз јавнио тимот, за што се огорчија илјадници граѓани кои секојдневно го користат новиот спортско-рекреативен центар. Општина Гостивар ќе ги санира сите оштетувања, а во иднина за да се избегнат вакви вандализми од страна на неодговорни поединци ќе биде ангажиран чувар за заштита на нашиот заеднички имот. Секое ќоше од нашиот град треба да го чуваме како наш дом, па затоа секој ваков чин не повредува сите нас.“, рече Афердита Мислими Хамза од општината.

Ударот врз спортско-рекреативниот центар покрај Вардар во Гостивар, за жал не е изолиран случај. Несовесни граѓани често уништуваат урбана опрема по парковите, детските игралишта и на други јавни површини низ градот. Од вандали страдаат клупи, канделабри, корпи за отпад, јавни чешми и слично.