Усвоен буџетот на Општина Гостивар за следната година

Гостивар во новата година ќе влезе со буџет проектиран на 1 милијарда 170 милиони денари. Советот на општината даде зелено светло за конечната верзија на документот, откако беа вметнати измени во одредени ставки. 

Средствата се планирани во приходи и расходи и по колони: основен буџет, буџет за самофинансирање, донации, дотации и кредити, образложи Садри Елези од општинскиот Сектор за финансии.

„Во основниот буџет имаме 375 милиони денари, тука ќе се реализираат програми и потпрограми, самофинансирање имаме кај градинките и училиштата кои имаат свои сметки, кај дотациите средствата доаѓаат од централниот буџет, кај донациите имаме информации за некои проекти кои ќе се реализираат и од општината и од донации и кај кредитите имаме еден долгорочен кредит за канализација“, рече Елези.

На седницата за буџетот пред советниците се обрати и градоначалникот Арбен Таравари:  

„Меѓу другото сакам да истакна дека секогаш како општина сме издвојувале дополнителни пари за градинките и училиштата и тие не случајно изгледаат поинаку од оние во други градови. Значи надвор од дотациите. Капитални инвестиции во градинките и училиштата од сопсвени средста следната година ќе имаме околу 400.000 евра.“

Предлозите за измените кои без вметнати и изгласани ги даде советникот од ВМРО ДПМНЕ, Гоце Димовски, кој е претседател на Комисијата за финансии.

На седницата беа усвоени и програмите за спорт, култура, стипендирање на млади таленти, животна средина и заштита на здравјето на населението во 2022-ра година.