Ученици во Гостивар вклучени во проектот „Спорт за развој“
Основци и средношколци од гостиварските училишта денес преку спортски активности и разни игри совладуваа вештини на комуникација, солидарност, толеранција, а пред се‘ другаруваа и се забавуваа. Нивни водичи беа наставници кои поминаа посебна обука за таа намена преку проектот „Спорт за развој“, што го спроведува организацијата ТАКТ со поддршка на гостиварската општина и Германското друштво за меѓународна соработка.
Во настанот беа вклучени деца од различни националности, возраст, пол, како и дечиња со посебни потреби.
„Наставниците пред еден месец имаа тренинг за спорт за развој во Маврово и денес сме тука да согледаме како тоа што го совладале го пренесуваат на учениците. Овие активности се со цел децата преку спортот да развиваат вештини на самодоверба, солидарност, комуникација и слично. Секако, на интересен и забавен начин.“, вели Магдалена Спасовска, претседател на ТАКТ.
Активностите на проектот се базираат на претходно потпишан меморандум за соработка меѓу општината и организацијата. Двете страни изразија задоволство од досегашните резултати,
„Се надеваме дека оваа пракса ќе почне да се применува во сите гостиварски училишта. Соработката со организацијата секако ќе ја продолжиме и понатаму“, рече градоначалникот Таравари.
Дечињата кои денес учестуваа во настанот добија подарок спортска облека, донација од Германската фудбалска асоцијација.