Ученици со списоци и закани, инциденти и во земјава по случувањата во соседството
Ученици со списоци и закани, инциденти и во земјава по случувањата во соседството. Психолозите алармираат дека родителите, но и образовниот кадар мора да имаат поголема контрола врз тоа што гледаат децата на интернет.
По вчерашниот случај во Тетово, кога во основно училиште беше пронајден список со имиња на ученици и закани, голема вознемиреност владее и во Штип, каде е приведен средношколец кој споделил порака дека ќе дојде со пушка на училиште.
„ Беа повикани целата служба, родителите, ученикот, се раговараше на таа тема. Моментално тука е и полицијата, разговараме уште, ситуацијата ја држиме под контрола и апелирам на родителите совесно, мирно да ги пуштат децата на училиште и дека се ќе виде во најдобар ред“, изјави Марјан Арсов, директор на СОУ Гимназија „Славчо Стојменски“
По масакрот во Белград, во земјава се случуваат низа ситуации во кои се пресликуваат делови од таа трагедија, но и се пробуваат опасни предизвици кои кружат на социјалните мрежи.
Психолозите алармираат дека децата многу лесно се поистоветуваат со она што го гледаат на интернет, каде често наидуваат на содржини, кои воопшто не треба да ги следат.
„Они можат да направат идол од секакви личности, они можат тоа однесување да го сфатат дека тоа е некакво добро однесување и тоа да го применат. Многу често користат социјални мрежи, гледаат некои видеа и читаат сѐ и сешто, имаат пристап до секаква содржина, што мислам дека не е во ред, изјави Моника Миланоска, психолог
Стучните лица велат дека потребен е сеопфатен пристап во воспитувањето на децата.
„Да се разговара со децата, наставниците исто така да разговараат, ние како стручна служба да бидеме во постојан контакт со нив , секако треба соработка и од родителите и од настаниците но и децата треба да сфатат дека треба да разговараат со нас, изјави Моника Миланоска, психолог
Државата, пак, бара начин за заштита од Тик-Ток и други социјални мрежи кои се најмногу користени од учениците. Отворена е и електронска адреса на која децата можат да пријават насилство.
Од Министерството за образование велат дека од среда ќе стапат на сила новите протоколи, кои треба да придонесат за поголема безбедност и контрола врз најмладите, откако ќе бидат одобрени од Владата.
Данијела Билбилоска